Најмалку тројца терористи и војник загинаа во големата престрелка што избувна во близина на Сринагар, главниот град Џаму и Кашмир, пренесува „Спутник“.
Полицијата соопшти дека престрелката почнала откако терористите, кои биле со автомобил, почнале да пукаат кон полицискиот пункт во областа Лоајпора во Сринагар. Инцидентот се случил на автопатот Барамула – Сринагар кога безбедносните службеници го пресретнале возилото.
Во текот на изминатата недела, ова е трет голем напад врз безбедносните сили од страна на терористички групи во Кашмир, во кои беа убиени најмалку тројца терористи. Во меѓувреме, уапсени се четворица јатаци на терористичката група Џаиш-е-Мохамед.
Минатиот петок, терористите скриени во камион отворија оган врз безбедносните служби на патарината на националниот автопат што ги поврзува градовите Сринагар и Џаму за време на рутинската контрола на возилото од страна на индиските безбедносни сили. Во размената на оган, тројца терористи беа убиени, а еден полицаец беше повреден.
Бројот на терористички напади врз безбедносните лица во Џаму и Кашмир се зголеми во последните два месеци и покрај тврдењата на индиската армија дека ситуацијата во преостанатиот индиски управуван регион долж де факто меѓународната граница е под контрола.