Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ Јован Митревски, Ејуп Алими и Никола Мицевски и членовите на Управувачкиот одбор во Собранието денеска имаа подготвителна средба со британската амбасадорка Рејчел Галовеј, директорот на Вестминстер Фондацијата за демократија Ентони Смит и други претставници на Фондацијата.
Средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, беше во пресрет на свеченото отворање на Парламентарната буџетска канцеларија во рамки на службата на Собранието на Република Северна Македонија и претставува посебна организациска единица – Одделение кое според Законот за Собранието на Република Македонија е аналитички центар што служи за унапредување на парламентарниот финансиски надзор преку изготвување стручни финансиски и буџетски анализи за потребите на пратениците и работните тела.
Собранието во декември 2018 година потпиша Меморандум за соработка со Британската амбасада и Вестминстер фондацијата за демократија и пристапи кон реализација на препораките од Вилтон Парк, при што формирањето на ПБК беше една од главните препораки во „Извештајот за процена на практиките за финансиски надзор во Собранието на РСМ”.
– Претседателот Џафери информираше за сите досега преземени активности за да се дојде до денот на почнување со работа на ПБК, за транспарентниот избор и селекција на најдобрите кандидати за вработување во Канцеларијата, за техничката подготвеност на просторијата и сите дополнителни потреби, и се заблагодари за сета конкретна поддршка што ја дава Вестминстер фондацијата за демократија во нашето Собрание, се вели во соопштението.
Амбасадорката Галовеј, како што се наведува, имаше позитивни зборови за одличната соработка меѓу законодавниот дом и Кралството Велика Британија и Северна Ирска која се одржала низ сите периоди низ кои поминуваше земјата и изрази верба дека соработката ќе продолжи со уште поинтензивна динамика во иднина.
Директорот Смит изразил благодарност за тоа што со Собранието на Република Северна Македонија имаат најдолга историја на соработка.
– Вие преземате историски чекор и сте лидери во регионот во насока на зајакнувањето на надзорната улога и независноста на претставничкиот орган…, изјавил Смит.
По средбата, Џафери, пратениците и гостите ја посетиле работната просторија на ПБК.