– Кремљ не ја исклучува можноста за средба меѓу рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, за да разговараат за ситуацијата во сириската покраина Идлиб, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нема конкретен договор за ова прашање, но не ја исклучуваме можноста за состанок, рече Песков и истакна дека и Путин и Ердоган можат да донесат одлука за сотаноци кога сметаат дека е неопходно. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека Турција очекува Русија да ги запре нападите на сириските владини сили во провинцијата Идлиб во северозападниот дел на земјата. Тој додаде дека Анкара мора да работи со Москва за решавање на проблемите во регионот. Тој исто така прецизираше дека Турција очекува од државите кои се гаранти на сириската Влада да ги запрат нападите.
– Ја пренесовме решеноста на нашите руски партнери да ја запреме хуманитарната драма во Идлиб, рече Чавушоглу.
Во ракетните напади на сириските владини сили во понеделникот загинаа осуммина турски војници и друг персонал, а турските воздухопловни сили и артилерија одговорија следниот ден со 54 напади врз цели во Идлиб, во кои загинаа 76 сириски војници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера се закани дека ќе употреби сила против сириските владини сили, освен ако не се повлечат до крајот на месецот на претходно договорена линија за прекин на огнот во северна Сирија.