Новоизбраниот премиер на германската покраина Тирингија, Томас Кемерих кој беше избран вчера со помош на крајно десничарската Алтернатива на Германија (АФД) изјави дека се повлекува од функцијата за да отвори пат за нови избори, јави Би Би Си.
– Оставката беше неминовна, никој не нè присили. Ги анализиравме случувањата и реакциите во локалниот парламент, медиумите и социјалните мрежи. АДФ се обиде со перфиден трик да и наштети на демократијата. Но соработка со АФД немаше, ниту ќе има, изјави Кемерих.
Фракцијата ФДП во Тирингија ќе побара распуштање на локалниот парламент и нови избори.
Кемерих, член на Либерално демократската партија во источна Тирингија е првиот премиер кој победил со поддршка на АФД, со што е прекршен повоениот консензус меѓу големите партии да ја избегнуваат крајната десница.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека денот кога беше избран премиерот на германската покраина Тирингија, со поддршка на крајно-десничарската Алтернатива на Германија (АФД) и нејзините конзервативци, бил лош ден за демократијата и дека тој избор треба да се поништи.
Анегрет Крамп-Каренбауер, која во 2018 година ја наследи Меркел како лидерка на партијата, рече дека локалните одборници на ЦДУ не ги почитувале упатствата на националното раководство во гласањето за Кемерих.