Советникот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Роберт О’Брајан, ги предупреди Палестинците дека еврејските населби ќе продолжат да се шират поради порастот на антисемитизмот ширум светот и дека повеќе Евреи ќе имигрираат во Израел.
Во разговор со странските дипломати, советникот за национална безбедност на Трамп, О’Брајан го бранеше планот на Трамп за Блискиот исток, што Израел го прифати и беше одбиен од Палестинците. Тој рече дека планот „не е совршен”, но ги повика Палестинците да преговараат за условите на предложениот договор.
-Тој нуди економски стимулации што ќе овозможат Палестина да стане „Сингапур на Блискиот исток”, рече советникот на Трамп.
Палестинците целосно го осудија предлогот, што им нуди ограничена самоуправа во расфрлани делови од територијата со главен град во предградието на Ерусалим, истовремено дозволувајќи му на Израел да анектира големи делови на Западниот Брег.
– Тоа би можело да биде последна можност за решение (според модел) две држави, рече О’Брајан.
Тој додаде дека наталитетот во Израел расте и дека антисемитизмот расте во Европа и на други места и ги охрабрува Евреите да се вратат во Израел.
-Населбите ќе продолжат да се шират. Ако замрзнување на населбите не се случи, ако мировниот процес не е активен, решението со две држави може да биде физички невозможно, рече тој.
Палестинците и голем дел од меѓународната заедница ги сметаат за нелегални и голема пречка за мирот еврејските населби во Западниот Брег и во анектираниот Источен Ерусалим, територии што Израел ги освои во војната во 1967 година.
О’Брајан сепак не нагласи дека палестинското население се зголемува и на палестинските територии и во Израел. Палестинското население расте 2,4 проценти на годишно ниво, 33 проценти повеќе од израелското.
Поради ова, преговарачите претходно предупредуваа дека Израел ќе ја изгуби способноста да биде и еврејска и демократска држава доколку не се воспостави независна Палестина.
Планот на Трамп предвидува евентуално создавање на палестинска држава, но исто така и Израел да ги анектира сите еврејски населби во Западниот Брег, како и стратешката долина на Јордан.