Американскиот претседател Доналд Трамп денеска имаше обраќање на Националниот молитвен појадок во Вашингтон, само неколку часови после крајот на судската постапка во Сенатот за негово отповикување која заврши со негово ослободување.
Националниот молитвен појадок е традиционален настан на кој присуствуваат американски законодавачи и државни раководители, како христијани така и претставници на други вери. Целта на настанот е воспоставување меѓуконфесионален дијалог и зближување на верските традиции.
Меѓу учесниците, на појадокот изутринава дојдоа потпретседателот Мајк Пенс со сопругата, државниот секретар Мајк Помпео, министрите за одбрана, внатрешни, труд и здравство, Марк Еспер, Дејвид Бернхард, Јуџин Скалија и Алекс Азар, како и министеката за образование, Бетси Девос.
Од законодавачите, овде беа и спикерот на Претставничиот дом, Ненси Пелоси и Кевин Мекарти, лидер на републиакнското малцинство во законодавното тело, и многу други членови на Конгресот.
Во своето обраќање Трамп ги искритикува демократите кои започнаа процедура за негово отповикување, нарековајќи ги „неискрени и корумпирани”, но и обвини некои ривали за користење на верските разлики за наводно тесни политички цели.
-Не ги сакам луѓето кои ја користат верата заради оправдување на нивните акции, и знаат дека тоа е неправилно. И не ги сакам луѓето кои се молат за вас знаејќи дека тоа не е така, изјави претседателот.
Лани в декември Пелоси, католик по вероисповест, изјави дека не го мрази Трамп и се моли за него. Мит Ромни кој е мормон, синоќа во својот настап пред пресудата за претседателот во Сенатот се повика на религиозни убедувањта во својата одлука да го прогласи Трамп за виовен во злоупотреба на власта. Ромни беше единствениот републикански сенатор кој гласаше за осуда и разрешување на претседателот.
На настанот учествува и свештени лица од разни конфесии од многу земји, но и раководители на држави и влади.
Од Северна Македонија, на Националниот молитвен појадок годинава учествуваат Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и Стефан Богоев, градоначалник на општина Карпош, како и членови на македонскиот Парламент
После молитвениот појадок, најавено е Трамп да даде изјава за сенатската пресуда синоќа, и неговото ослободување од импичментот.