Местото на Северна Македонија е во Европската Унија, а земјата заслужи конечно да ги почне претпристапните преговори. Ова во Загреб го изјави министерот за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман по средбата со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, јави дописникот на МИА.
– Се надевам дека одлуката за отворање на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија треба да се донесе час поскоро и без некакво понатамошно одложување. Хрватска се надева дека ваквата одлука ќе биде донесено за време на нашето претседавање со Унијата, а ние напорно ќе работиме тоа да се случи. Документот на Европската Комисија за новата методологија на водење преговори ја истакнува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, подвлече Грлиќ Радман на прес – конференцијата по средбата со Димитров и Османи.
Според Грлиќ-Радман, добрите билатерални односи меѓу двете земји, односно Хрватска и Северна Македонија ќе треба да бидат дополнети со уште подобра економска соработка.
Според вицепремиерот Османи, условите се зрели уште во март да биде донесена одлуката за отворање преговори со земјава.
– Ние не стравуваме од строгите нови правила за преговори со ЕУ. Ние сакаме да бидеме добри кандидати, а ваквите критериуми се само дополнителен мотив, кажа Османи.
Министерот за надворешни работи Димитров на прес – конференцијата рече дека Хрватска претседава со Унијата во многу важни моменти за европската перспектива на нашата земја.
– Мислам дека новата методологија е добра за оние држави кои сакаат вистински реформи, а тешка за оние кои не сакаат да се променат. Ние сакаме да ги искористиме сите бенефиции кои ги нуди новата методологија. Ќе работиме многу блиску со Загреб за конечно да имаме пробив во март. Ќе работиме на тоа, самитот на ЕУ во Загреб да биде голем успех за нас, истакна Димитров.
За време на официјалната посета на Хрватска, Димитров и Османи се сретнаа и со претседателот на Комисијата за надворешна политика Миро Ковач и претседателот на Комисијата за европски прашања Домагој Иван Милошевиќ во хрватскиот Сабор, а тема на разговорите беа европските аспирации на Северна Македонија.
Во тек е средба на Димитров и Османи во Загреб со премиерот Андреј Пленковиќ.