Мадоф бара предвреме да го пуштат од затвор поради тешка болест

Бернард Мадоф, кој беше осуден на 150 години затвор во 2009 година за најголема финансиска измама во историјата, бара предвремено ослободување од затвор заради терминална болест.

Во телефонско интервју за „Вашингтон пост”, 81-годишниот Мадоф изјави дека е во последен стадиум заболување на бубрезите и бил пренесен во оддел за палијативна нега во затворскиот Медицински центар  во Северна Каролина.

Адвокатот на Мадоф вчера поднесе предлог до судот за негово ослободување. „Вашингтон пост” објави дека затворската администрација признала дека неговите здравствени услови укажуваат дека тој има уште околу 18 месеци живот.

Мадоф отслужи 11 години од 150 години затвор што ги доби во 2009 година, откако се изјасни за виновен за 11 точки на обвинението, вклучително и перење пари и измама.

Финансиерот измами инвеститори за околу 65 милијарди американски долари во најголемата финансиска измама во американската историја.

Мадоф изгради богатство на пирамидална шема, што започна да пропаѓа во 2008 година кога финансиската криза ги погоди и инвеститорите кои си ги бараа своите пари назад.

Треба да знаете
Последни објави