Јасно е дека ЕУ бара да имаме нов закон за јавно обвинителство и една политичка партија не треба да го блокира неговото донесување, смета лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
Според Села, новиот предлог – закон за јавно обвинителство треба да помине, но не „така, бланко” како што предлага Владата, туку со искажаните забелешки од кои голем дел се веќе уважени.
-Никој не треба ноншалантно да се однесува и да ја блокира надежта што ја имаме, дека во март ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, истакна Села, одговорајќи на новинарски прашања пред денешниот работен состанок во Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Во однос на законот, потсети, ставот на Алијансата е преточен во амандмани.
– Нашиот став е дека треба да се чува Специјалното обвинителство и дека на негово чело треба да дојде обвинител од земјите-членки на ЕУ. Пратениците од Алијансата на средба со министерката за правда ги кажаа забелешките за новиот закон за јавно обвинителство и голем дел од нив се прифатени, рече Села.
Тој уште еднаш укажа што треба да се направи со правниот систем кај нас.
-Прво, да се врати Прибе 3 за да оцени до каде се исполнети препораките од Прибе 2, второ, експерти, судии и правобранители од ЕУ да дојдат и да ги отворат уште еднаш сите затворени предмети кои имаат врска со висок политички криминал и корупција зашто не може да бидеме земја во која за 30 години ниту еден политичар не е осуден за корупција и трето, по примерот на Украина, Молдавија, Грузија да се мониторираат однадвор сите судски постапки на оноа обвинителство што ќе го наследи специјалното, напомена лидерот на Алијанса за Албанците.
Треба да се отворат, дециден е Села, и политичките процеси за кои има многу сомнежи во јавноста дека се монтирани и дека во нив се наводно давани многу високи казни.