Започнаа форумските сесии во рамки на Националниот молитвен појадок во Вашингтон (САД), на кој учествува и членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев. Богоев беше дел од панел дискусијата за млади. На овој форум учествуваа поголем број на млади и истакнати личности, од различни земји, ангажирани во различни области од општествено – политичкото живеење. Тие говореа за улогата на младите во општеството, шансите кои ги нуди средината, но и постојаната потреба од учење и развивање на вештините.
Во директен разговор со младите лидери, Богоев го истакна мирното решавање на деценискиот спор меѓу Македонија и Грција. Со што, се отворија повеќе можности за соработка меѓу младите луѓе во регионот. На почетокот на оваа година, Собранието го донесе и Законот за младинско учество и младински политики, со што се дефинира категоријата млади (од 15 до 29 години). Во националниот буџет младите ќе бидат застапени со средства во висина од најмалку 0,3 %, а во локалните со 0,1 %.
Во рамки на првиот ден од Националниот молитвен појадок се обратија и повеќе конгресмени и сенатори. Меѓу главните говорници беше и претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата, кој зборуваше на тема помирување и соработка.
Изминативе денови, претставникот на СДСМ оствари и средби со претставници од Националниот демократски институт (NDI) и Меѓународниот републикански институт (IRI). Се разговараше за евроатлантските перспективи на нашата земја, последните чекори за полноправно членство во НАТО и стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД.