Извештајот од вонредната контрола извршена завчера на работењето на битолската „Еко клуб” од Државниот инспекторат за животна средина се чека, а последната вонредната контрола спроведена на 12 декември од страна на инспекторатот, не покажала неправилности. За неправилности во третманот со медицинскиот отпад од страна на оваа компанија на прес-конференција прикажа материјали Градот Скопје,кој го пријавил случајот и до ЈО, кое спроведува предистражна постапка.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини при вчерашната посета на депонијата „Дрисла” ги охрабри сите засегнати страни да соработуваат за да ги најдат потребните решенија и додаде оти ќе ги погледнат детално сите лиценци што се дадени.
Тој истакна дека за случајот е информиран вчера и ги повика сите засегнати страни да соработуваат и да се најдат решенија што се потребни.
– За ова бев информиран вчера. Детално ќе ги погледнеме сите наоди што ги направиле инспекторите и заедно со општинските инспектори ги охрабруваме сите надлежни институции, инспекцискиот совет, ЈО, како и сите засегнати страни да соработуваат за да ги најдеме оние решенија што ни се потребни, порача Нуредини.
Од Јавното обвинителство за МИА велат дека надлежниот јавен обвинител веднаш истиот ден по приемот на кривичната пријава издал наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата. По издадената наредба, како што наведуваат оттаму, сè уште се постапува. Со оглед на тоа што предметот се наоѓа во предистражна постапка, ОЈО Скопје во моментов не сподели повеќе детали.
При последниот надзор во фирмата за медицински отпад, кој бил спроведен во декември, Инспекторатот не констатирал неправилност во работењето. Раководителот на секторот за инспекциски надзор во животната средина и природата Хисни Тачи увери дека контроли се прават редовно, но и вонредни по потреба, истакнувајќи оти редовно ги контролираат фирмите што се под нивна надлежност.
Дозволи за транспорт на медицински отпад о земјава имаат четири компании, а три за третман на медицинскиот отпад.
Тачи рече дека контрола вршат и во другите фирми што транспортираат опасен отпад, како тетовската „Рецикле”, „Еко клуб” и „Дрисла” и појасни оти контролите се редовни согласно годишната програма, а се вршат и вонредни по дојава.
Инспекторатот, како што додаде тој, е надлежен за инсталации што преработуваат термички медицински отпад, опасен отпад и дека градскиот инспекторат не е надлежен да ги контролира ваквите инсталации.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули вчера рече дека се проверуваат сите дозволи и доколку се утврдат неправилности кај битолската фирма, никој нема да биде поштеден.
Ова следува по објавувањето на видеоматеријалот од страна на Град Скопје во кој се гледа дека необработен медицински отпад без почитување на пропишаниот протокол се третирал на депонијата „Дрисла”.Медицинскиот отпад е транспортиранод болниците во Битола и Прилеп. Во минатата година биле транспотирани на Дрисла од страна на оваа фирма 4700 килограми медицински отпад, а само во јануари 1900 килограми. По завршување на прес-конференцијата во Градот Скопје во поладневните часови биле транспортирани три камиони со медицински отпад на „Дрисла”.