Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека вчерашниот ден, кога беше избран премиерот на германската покраина Тирингија, со поддршка на крајно-десничарската Алтернатива на Германија (АФД) и нејзините конзервативци, бил лош ден за демократијата и дека тој избор треба да се поништи.
-Овој настан е непростлив, па резултатот мора да се промени, рече Меркел на прес конференцијата во текот на посетата на Јужна Африка, пренесоа британските медиуми.
Изборот на Томас Кемерих, малку познат член на Либерално-демократската партија (ФДП) во источната покраина Тирингија, беше прв во кој државен премиер победил со поддршка на АФД, со што е прекршен повоениот консензус меѓу големите партии да ја одбегнуваат крајната десница, наведе агенцијата.
Лидерите на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) побара нови избори во Тирингија, пренесуваат американските медиуми.
Анегрет Крамп-Каренбауер, која во 2018 година ја наследи Меркел на чело на ЦДУ, изјави дека локалните одборници на ЦДУ не ја послушале инструкцијата на националното раководство во гласањето за Кемерих.