Новата методологија на ЕУ треба да го олесни патот до преговори

 Европската Комисија вчера ја објави долгоочекуваната ревизија на методологијата на пристапниот процес, ова беше главно барање на Париз, покрај домашните реформи на земјите, за зелено светло на самитот на ЕУ во март. Останува да се види дали сите членки на ЕУ ќе бидат задоволни од предлогот на ЕК и дали ќе успеат да постигнат согласност за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вчера ги презентираше главните промени што им ги нуди на земјите членки и на земјите кандидати.

Тој ги потврди четирите принципи врз кои ќе се темели новата методологија доколку биде усвоена од страна на земјите членки: кредибилитет, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност.

-Сакаме да ја вратиме кредибилноста на ЕУ перспективата за западниот Балкан, врвен приоритет е да имаме стабилност, мир и просперитет во регионот, рече еврокомесарот Вархеји.

Со новата методологија што ја нуди Европската Комисија, земјите членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат. Преговорите ќе се водат на подинамичен начин преку кластерите (групи на поглавја) кои ќе се отвораат зависно од проценката на напредокот во земјата кандидат, но останува принципот според кој поглавјата поврзани за владеењето на правото и правдата се темел на целиот процес. Овие поглавја, како и до сега, ќе се отвораат први и затвораат последни. Европската Комисија смета дека со кластерите земјите ќе можат побрзо да напредуваат доколку за тоа покажат способност и подготвеност.

Се зајакнува и можноста за суспендирање на преговорите во случај на прекршување на основните демократски начела, а се нуди и поголем пристап до фондовите на ЕУ. Документот ја нагласува важноста и на испорачувањето на ветеното од страна на земјите членки.

Новата методологија нема да важи за Србија и Црна Гора, освен доколку тие сами изразат желба да се приклучат во новиот процес кој ЕК се надева ќе овозможи побрзо напредување до полноправно членство благодарение на кластерите.

Европската Комисија инсистира на тоа дека не станува збор за промена на процесот, туку за негова ревизија со цел тој да стане подинамичен и поефикасен. Последната ревизија на овој процес датира од 2003-та.

Трите главни политички партии во Европскиот Парламент ја поздравија ревидираната методолодија на Европската Комисија за пристапниот процес и ја поддржуваат европската перспектива на западниот Балкан.

Следната етапа сега е објавувањето на извештаите за реформскиот напредок во Северна Македонија и Албанија, за кој сѐ уште не е потврден датум но се очекува во наредните недели, по што земјите членки ќе можат да почнат да разговараат и да се усогласат за отворањето преговори со овие две земји.

Треба да знаете
Последни објави