Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу изјави дека Анкара ќе подготви сериозен одговор на тековните судири во Сирија за кои Турција го обвинува Дамаск, пренесува ТАСС.
„Нашето трпение има граници. Ако продолжат нападите од режимот (сириската влада, според Турција), ние нема да запреме, нашиот одговор ќе биде сериозен“, рече тој.
Претходно, Чавушоглу истакна дека Турција продолжува со заедничките напори со Русија за ублажување на тензиите во сириски Идлиб. Тој додаде дека Анкара и Москва сакаат да воспостават постојан прекин на огнот, што дава можност за стабилно политичко уредување.
На 5 февруари, сириските владини сили влегоа во градот Саракиб, кој е под контрола на терористичката група Џабат ал-Нусра во провинцијата Идлиб.
Сириските владини сили претходно го опколија упориштето на непријателот од три страни, блокирајќи ги неговите линии за снабдување. Воената команда на Сирија им даде ултиматум на милитантите, барајќи да положат оружјето или да го напуштат градот заради цивилите.