Интегрален текст од прес конференција на Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев е вистинскиот монструм. Тој од почетокот на 2015-та година на прес конференции, изјави, интервјуа и митинзи постојано го злоупотребуваше убиството на четирите деца и рибарот кај Смилковско Езеро и со тоа директно си играше со чувствата на родителите, но и на целата македонска јавност. Заев треба кривично да одговара затоа што истрагата ја насочи во погрешен правец, а истовремено лично тој ги ослободи убијците. Заев за овој случај треба да лежи во затвор.
Да потсетиме како Заев играше со една ваква тема за да добие ситни политички поени.
Имено, за германскиот весник „Ди Цајт“ во мај 2015-та година изјави дека седум етнички Албанци кои се осудени за случајот „Смилковско езеро“ невини лежат во затвор. Поминаа почитувани, 5 години од тогаш, а Заев не објави ниту телефонски разговор, ниту транскрипти, ниту докази за тоа што манипулираше со родителите на овие убиени деца.
Тој изјави: „Големи сомневања се врзани за овој случај. Тоа го објаснувам тоа во самото интервју. Секако со обелоденувањето на вистината за Смилковско Езеро, или проектот на владата „Монструм“, кој што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелоденам и болна вистина“.
Намерата му била јасна, монструозно да го искористи овој масакр, да сее магла и сомнежи истовремено за политичарите од неговиот опонент, се со цел да стекне политичка корист и да се добере до власт. Каде се сега почитувани, сомнежите на Зоран Заев? Каде се неговите ветувања давани на роднините на жртвите дека ќе обелодени нова болна вистина? Каде се доказите кои што тој ги наводно поседувал и кои воделе кон ново светло за масакрот кај Смилковско Езеро?
Измамникот Заев и неговата некрофилска политика излегуваат полека но сигурно на виделина. Само човек без образ може после толку многу лаги и манипулации да им погледне во очи на роднините на убиените деца и на сите граѓани на Република Македонија.
На 12-ти април Заев ќе биде казнет заради политичката злоупотреба на масакрот кај Смилковско Езеро. На 12-ти април Заев пред судот на народот ќе одговара за сите лаги, манипулации и порази, и за нашата земја и за нашиот народ.