Град Скопје за овој викенд најави засилени контроли за непрописно паркирање на Водно поради метежот од возила што се создал минатиот викенд.
„За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, Градот Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража ’26 Јули’ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б – од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат)“, соопштија од Град Скопје.
Возниот ред на автобуските линии е објавен ТУКА!
Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно. Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.
Град Скопје им препорачува на граѓаните да ги искористат сите овие поволности и овој викенд да ги остават автомобилите во катната гаража „26 јули“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат) и со автобус да се качат бесплатно на Водно.