Поранешниот член на Барселона, францускиот фудбалски интеранционалец Криштоф Дугари упати остри критики на адресата за клубот од „Камп Ноу”. Французинот, кој играше за Каталонците во сезоната 1997/98, говори без влакна на јазикот за случувањата во клубот по поразот од Атлетик Билбао во Купот на Шпанија.
„Тоа е клуб на кловнови во кој се работи наопаку. Го купија Кутињо, го купија Дембеле, купуваат фудбалери, па ги продаваат. Се добива впечаток дека нема визија во клубот. Во секој преоден рок се јавува некој проблем. Многу лоши трансфери се направени по заминувањето на Чави и Иниеста, а се потрошија многу пари”, вели 47 годишниот Дугари.
Каталонците моментно се втори на табелата во Примера со три бода помалку од Реал Мадрид. Во недела ги очекува гостување во Севилја кај екипата на Бетис.
„Над се, имаат многу лош имиџ. Таму има премногу луѓе кои немаат манири и стил за величина каква е Барселона која сега е клуб без стил”, додаде Французинот.