Африканската свинска чума се прошири и во Грција

По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на соседна Грција, на петти овој месец официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од болеста Африканска свинска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Освен во Грција, болеста е присутна и во соседните земји Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива Агенцијата за храна и ветеринарство, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста е присутна и во Полска, Литванија, Романија и други земји.

Во Северна Македонија засега не е детектирано присуство на болеста Африканска свинска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи.

Поради постоење на реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки.

Во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија, АХВ спроведува засилени мерки за контрола и на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.

„Иако не станува збор за болест која е опасна за човекот, но, претставува сериозна закана по добиточниот фонд, упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат угината свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на угинатите животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста“, велат од АХВ.

За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.

Агенцијата апелира свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нус – производите да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни, да се врши засилена контрола на документацијата на добиточните пазари и собирните центри. АХВ потсетува дека строго е забрането продавање на животни надвор од добиточните пазари.

Треба да знаете
Последни објави