Вкупно 543 Ирачани се убиени од 1 октомври, кога почна бунтот на народот, обележан со насилство, репресија и кампања на киднапирања и убиства, објави вечерва владиниот Комитет за човекови права. Демонстрантите ги осудуваат властите за корупција и неспособност.
Комитетот за човекови права излезе по долго молчење по повеќе од четири месеци од почетокот на бунтот. Комитетот постојано обвинуваше разни институции дека одбиваат да дадат информации за бројот на загинати и уапсени на протестите.
Институцијата, која и припаѓа на државата, но исто така е и критична за неа, наведува дека загинале 543 лица, од кои 276 во Багдад, додавајќи дека речиси сите жртви биле демонстранти. Во немирите загинаа 17 припадници на безбедносните сили.
Според тој комитет, повредени се околу 30.000 луѓе. Илјадници луѓе беа повредени од огнено оружје, при што ирачките власти обвинуваат индивидуални, изолирани припадници на безбедносните сили и непознати вооружени напаѓачи.
Комитетот исто така наведува дека биле извршени 22 убиства, додека повеќе од 70 лица биле киднапирани. Уапсени се околу 2.700 лица, од кои 328 остануваат во притвор.