На настанот на кој присуствуваа и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Хисен Џемаили и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, премиерот Спасовски нагласи дека Владата продолжува да инвестира во развојот на спортската инфраструктура и дополни дека ова е важен проект за младите и за здравиот начин на живот, односно за иднината.
Премиерот Спасовски информираше дека проектот за изградба на 14-те пливачки базени ќе се одвива во две фази, при што во првата фаза, покрај Тетово, ќе бидат опфатени општините Кичево, Битола, Штип, Кисела Вода и Ѓорче Петров, каде се очекува наскоро да биде означен почетокот на изградбата на базените, додека во втората фаза ќе бидат изградени уште 8 базени.
„Оваа Влада покажа дека спортот зазема важно место на нејзината агенда. Покажа дека мораме да вложуваме во навиките на децата, во навиките на младите луѓе да се занимаваат со спорт, да имаме здрав живот, затоа што нема повредно нешто од здравјето и животот на граѓаните”, подвлече премиерот Спасовски.
Воедно премиерот Спасовски истакна дека Владата систематски работи на развојот на спортот и физичката култура, преку мерки како што е вложувањето во спортот преку ваучерскиот систем, но и со воведувањето на настава по физичко образование уште во прво одделение, која се изведува со посебен наставник.
Пред присутните се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој истакна дека овие проекти ќе придонесат за развојот на спортот и формирањето на здрави навики, при што во фокусот се децата и младите.
„Овој проект започна со консултација на голем број спортски работници, кои укажаа дека е потребна изградба на ваква спортска инфраструктура, на вакви базени, со цел развој на спортот не само во Скопје, туку и во сите останати општини и градови, а со тоа да ги подигнеме спортските услови и стандарди, наведе директорот Каевски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски информираше дека рокот на изградба на базенот е 18 месеци.