Заев дига раце од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски не сака разговори со СДСМ

Законот за јавно обвинителство со вградени забелешки од пратеничките групи, ако биде обезбедена потребната поддршка, Владата викендов треба да го пушти во процедура. Во меѓувреме се бара двотретинско мнозинство за негово изгласување во Собранието, имајќи предвид дека нема договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од Владата велат дека штом се процени дека има согласност, законот ќе помине на владина седница и ќе биде доставен до Собранието.

Претседателот на СДСМ и доскорашен премиер Зоран Заев вчера изјави дека верува оти законот викендов може да влезе во собраниска процедура и до среда да биде изгласан. Кажа дека разговарал со сите пратенички групи, дека се поприлично блиску и останува само да го видат конечното целосно решение за да се согласат. Апелира за поддршка од сите парламентарни партии, иако, вели, од ВМРО-ДПМНЕ веќе дигнал раце дека е можен договор.

– Апелирам до сите. Од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, ама апелирам и до нив. Имаме квалитетно законско решение. Внатре имаме фер и еднаков третман за сите, изјави Заев при посетата на Арачиново.

Дека нема разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за законот за јавно обвинителство, потврди вчера и  лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

Уште еднаш го повтори ставот дека неговата партија е за закон за јавно обвинителство, но за закон што ќе биде правичен и ќе нуди правда за сите граѓани во државата без исклучок дали се партиски определени.

– Ова што ни се предлага не е таков закон. Не знам што е чудно експертите да седнат, кои беа дел од собраниската расправа, без разлика дали во овој или следниот парламентарен состав. Безусловно ви велам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ тој закон ќе го поддржи, изјави Мицкоски на прес во партиското седиште.

За Заев барањата на ВМРО-ДПМНЕ за експертско решение за Законот за ЈО, по две години преговори, се задоцнети и несеризни.

– Експерти после две години? Па јас две години разговарам со господинот Мицкоски. Едно решение да дадоа, да видев едно решение да дадоа. Експертите им се сите на располагање. Две години поминаа. Па каква е сериозноста и пораката кон граѓаните. Несериозно е однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и таквото несериозно однесување ќе се докаже и на изборите, изјави Заев.

Повторно нагласи дека изборите ќе се одржат на 12 април, потсетувајќи дека постои можност само за одложување на распуштањето на Собранието.

– Парламентот дали ќе се распушти на 12 или на 14, 17-ти, законот тоа го дозволува. Како што рече Талат Џафери важно е да се запазат неопходните рокови на ДИК за спроведување на изборите. Тие се некои 52-3 дена, изјави Заев.

Изрази уверување дека може навремено да се завршат работите, вклучително и гласањето на законот за ЈО, ратификација на НАТО протоколот и Законот за одбрана.

– Ако дотогаш протоколот за НАТО не е изгласан, зарем треба да го распуштиме Парламентот? Не, треба да го изгласаме протоколот за НАТО, треба да го изгласаме Законот за одбрана и треба да го ставиме на гласање Законот за ЈО. Многу важни работи за нашата интеграција за НАТО и ЕУ. Најмалку, да бидеме одговорни пред своите граѓани, ќе направиме обид за гласање на овие закони, кажа Заев.

Мицкоски, пак, вели дека СДСМ ако собере мнозинство може да ги донесе законите во Собранието, но нагласува дека нема намера да преговара за пролонгирање на датумот за распуштање на Парламентот.

– Договорот е постигнат, на 12 февруари да се распушти Собранието, а на 12 април да имаме предвремени парламентарни избори. За мене тој договор е завршен. Тука немам никаква дилема, ниту пак имам намера да преговарам ниту пак имам намера телефони да вртам ниту да пристискам, рече Мицкоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери порача дека нема потреба од тензии во законодавниот дом пред избори. Најави дека Законот за ЈО ќе биде ставен на седница пред распуштањето на Парламентот в среда, ако дотогаш биде доставен усогласен предлог.

– И до 23:00 часот на 12-ти да дојде усогласен предлог има процедурална можност тој да биде претворен во закон. Неспорно, но на крај на мандат пред распуштање на Собрание само да се отвори седница, а неусогласен предлог, и да се претвори во театар, тоа немам намера. Нема потреба од некаква тензична ситуација пред одење на избори, изјави Џафери.

Апел до партиските лидери за договор околу законот за ЈО и негово изгласување пред распуштање на Собранието, деновиве упатија амбасадорите на ЕУ и на САД во земјава, Самуел Жбогар и Кејт Бернс.

Треба да знаете
Последни објави