Израел прави мапи за анексија на Западниот Брег, африканските лидери го отфрлија „договорот на векот”

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел започнал со правење мапи на деловите од Западниот Брег што планира да ги анексира, африканските лидери, пак, денеска го отфрлија блискоисточниот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп, оквалификувајќи го како нелегален. Тие на денешниот Самит на Африканската унија (АУ) изразија солидарност со Палестинците.

Претседателот на Комисијата на АУ, Муса Факи Махамат им рече на присутните шефови на држави дека планот, објавен на крајот на јануари, претставува „кршење на многубројни резолуции на Обединетите нации и на Африканската унија”.

Махамат изјави дека планот бил подготвен без меѓународни консултации и дека „ги крши правата на палестинскиот народ”, што беше дочекано со громогласен аплауз.

Долгоодложуваниот мировен план за Блискиот исток, кој од американска и израелска страна е наречен „договор на векот” беше веднаш отфрлен од страна на Палестинците. Со планот, меѓу другото, се дава одобрение на Израел да ги анектира еврејските населби на Западниот Брег, каде Палестиците планираат да основаат своја држава.

– Веќе сме во процес на мапирање територии кои, според планот на Трамп, ќе бидат дел од државата Израел, рече Нетанјаху на синоќешниот митинг,  во рамки на изборната кампања на „Ликуд”.

Тој додаде дека за правењето такви мапи нема да биде потребно многу време, пренесува „Тајмс оф Израел”.

Нетанјаху рече дека деновиве до Владата ќе го достави својот план за анексија на Јорданската долина и еврејските населби во Западниот Брег. Сепак, од Вашингтон дојде предупредување дека тоа не би требало да се случи пред изборите во Израел на почетокот на март.

Треба да знаете
Последни објави