Екипата на Интер забележа голема победа во градското дерби со Милан 4:2 откако направи целосен пресврт и се врати во живот по два гола негатива на полувремето.
Милан ја скрши дефанзивата на противникот во 40. минута, кога погоди Анте Ребиќ, по лоша реакција на голманот Падели.
Само пет минути подоцна удвои Златан Ибрахимовиќ и бурно го прослави голот против поранешниот клуб.
Многумина очекуваа Милан да продолжи исто и во второто полувреме, но ситуацијата беше различна. Интер го покажа „лудото“ лице кога во две минути даде два гола. Прво стрелаше Брозовиќ со еден волеј од пред казнениот простор, па изедначи Весино.
Голема заслуга за вториот гол ја има Алексис Санчез. Магичниот пресврт се направи во 70. минута, благодарение на Де Врај кој беше највисок во скокот. Во последните секунди од мечот, по една фантастична акција, во листата на стрелците се запиша и Ромелу Лукаку, за конечни 4-2.
Интер со победата во градското дерби повторно е лидер во Серија А и го искористи киксот на Јувентус. Интер во наредното коло го чека ново дерби, на гости кај Лацио, додека Милан првпат загуби по пет кола и ќе биде домаќин на Торино кој е во голема криза.