Ирските гласачи не успеаја да изберат категоричен победник на вчерашните парламентарни избори, пишува европската редакција „Политико“.
Според анкетата на Ипсос, нарачана од локалните медиуми, партијата „Фине Гејл” (Ирско семејство), предводена од премиерот на Ирска Лео Варадкар, освои 22,4 отсто од гласовите, „Фиана Фајл” (Војници на судбината) и „Шин Фејн” (Само ние) освојуваат одделно 22,3, односно 22,2 отсто од гласовите на Ирците.
Изборниот резултат покажува дека партиите допрва ќе треба да се борат за составување мнозинство и сигурно ќе имаат потреба од коалиција од неколку партии за да можат да владеат.
Податоците од изборите покажуваат и голема промена во ирскиот електорат. Традиционално доминантните партии „Фине Гејл” и „Фиана Фајл” сега се сопернички со левичарската националистичка партија „Шин Фејн”, која освои 14 отсто повеќе гласови од последните избори во 2016 година.
Неколку мали партии, вклучувајќи ги и Лабуристичката партија и Зелената партија освоија под 10 отсто од гласовите.