Градот Скопје продолжува со доделување субвенции за чистење на оџаците, со цел намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
За таа цел, Град Скопје го објави Јавниот повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2020 година.
Со овој повик, Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на граѓаните и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.
Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.
Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/4997/javen-povik-cistenje-odzaci-2020.pdf
Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 и 2019 година, кога беа доделени вкупно 634 субвенции.