Владата на Република Северна Македонија својата редовна седма седница ќе ја одржи утре во Охрид. Централна точка на дневниот ред на седницата, која е петта од серијата што се одржуваат во 10 региони во земјата, е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца, соопшти владината прес-служба.
Градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници. Согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.
На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за преземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.
На оваа седница, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.
Во рамките на теренските активности што ќе ѝ претходат на седницата, претседателот на Владата на Оливер Спасовски ќе направи увид со реконструкцијата и санацијата на колекторскиот систем и ќе ги посети фабриките ЛТХ Леарница Охрид и Братство Инокс.
Средби и други теренски активности во текот на денот во регионот ќе имаат и вицепремиерката задолжена за економските ресори Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министрите без ресор задолжени за странски инвестиции Зорица Апостолска и Елвир Хасан, како и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.