Натпреварот во Премиер лигата од 26-то коло меѓу Манчестер Сити и Вест Хем, кој требаше да се одигра вечерва на стадионот „Етихад”, е одложен. Причината за ова се грижите за безбедноста на гледачите заради екстремните временски услови.
Во моментов, во голем дел од Западна Европа беснее бурата „Кијара”, која носи силен дожд и ветрови со сила на ураган. Поради тоа, многу натпревари во Холандија и Белгија веќе се одложени.
Бундеслигата ја одложи и средбата меѓу Борусија Менхенгладбах и Келн.
Сè уште не е јасно за кога ќе се презакаже дуелот Манчестер Сити против Вест Хем.
Другиот натпревар од денешната програма во Премиер лигата – оној меѓу Шефилд Јунајтед и Борнемут, кој треба да започне во 15 часот, треба да се одигра.