Силното зимско невреме предизвика колапс на сообраќајот низ северна Европа, јавуваат агенциите.Во Шкотска, три лица се повредени кога се урна покрив на паб од силна бура.
Регионот е погоден од бурата „Кјара“ со ветер кој дува со брзина од 130 километри на час.
Десетици летови се откажани во Велика Британија, железничките компании го намалија бројот на поаѓања заради претстојниот дожд и силниот ветер, а откажани се и некои траектни линии.
Метеоролозите во Германија соопштија дека бурата која ја нарекуваат „Сабина“, ќе ги погоди северните и централните делови вечерва, а утре претпладне се очекува во јужните делови на земјата. Се очекува силен ветер со 120 километри на час.
Железничката компанија „Дојче Бан“ соопшти дека некои крајбрежни региони и други области ќе бидат погодени од силно невреме и повеќе нема да бидат проодни за возови.Компанијата соопшти дека направила обемни подготовки пред невремето. На лице место има мобилни екипи со опрема за отстранување на паднатите дрвја и далноводите од патот.За невремето се подготвија и аеродромите во Франкфурт, Хамбург, Берлин и Келн.
Исто така и Белгија се подготвува за бурата откако Кралскиот метеоролошки институт предупреди дека невреме ќе ја погоди целата земја. Денеска се откажани околу 60 летови на аеродромот во Брисел, објави новинската агенција „Белга“.
Кралскиот метеоролошки институт издаде предупредување поради ветерот кој ќе дува со брзина од околу 110 километри на час и може да предизвика сериозни штети.Голем ветер се очекува да ги откаже и одложи летовите на аеродромот во Брисел, соопшти управата на аеродромот.
Метеоролозите во Холандија ги предупредија возачите да не возат или да бидат особено внимателни, додека фудбалската асоцијација ги откажа сите денешни натпревари во професионалната лига.Како претпазливост, компанијата КЛМ откажа десетици европски летови до и од аеродромот Шипхол во Амстердам.