Во организационата рамка на министерството, што ќе излезе во февруари, ќе формираме Дирекција за враќања што ќе го презеде целиот процедурален дел, вели министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис во интервјуто за грчкиот весник „То вима”, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој објаснува дека во јануари, 84 лица, мигранти, кои немаат право на азил биле вратени во Турција, а единствениот проблем е во последната процедурална фаза и токму затоа ќе се формира конкретната дирекција.
-Соработката со турските власти, од она што ми го кажуваат луѓето што се во првите редови на процесот, не постои никаков проблем, вели Митаракис.
Надлежниот грчки министер во интервјуто објаснува дека по 2015 година, во Грција, по добиениот азил живеат околу 40 илјади бегалци, додека пак бројот на барања за азил што треба да се разгледаат достигнува до 87 илјади. Објаснува дека азилот не е на неограничено време, туку е за временски период од три години.
Митаракис вели дека инцидентите на Лезбос „покажуваат колку е неопходна изградбата на контролирани центри”.