„Амнести интернешнл“ објави дека „исчезнал“ новинарот кој известувал за појавата на смртоносниот коронавирус во Кина. Новинарот, идентификуван како Чен Куиши, бил присилно ставен во карантин, објави организацијата на Твитер.
Чен известувал за смртоносниот коронавирус, кој првпат се појави во кинескиот град Вухан, и досега од него починаа најмалку 909 луѓе во земјата. Едно лице почина на Филипините.
„Кина не смее да го користи карантинот како политичка алатка за цензура за известување за коронавирусот. Ако Чен Куиши е во карантин, властите веднаш мора да откријат каде се наоѓа“, соопшти „Амнести интернешнл“. Според нив, пријателите и новинарите не можеле да го најдат во полициските станици или во болниците во Вухан.
Кинеските здравствени власти во неделата соопштија дека во земјата се пријавени 40.117 случаи на коронавирус, при што починаа 97 луѓе во последните 24 часа.