– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвини дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани. ВМРО-ДПМЕ, рече Мицкоски, е против амнестија.
Тој оцени дека предложениот закон за ЈО на Владата, не ги содржи забелешките на експертите и повторно побара веднаш да создаде тим од експерти кои ќе го подготват текстот на законот и тој да се изгласа од следниот парламентарен состав, бидејќи, како што рече, целта е да се донесе квалитетен закон.
Според него, предлог законот за ЈО е спротивен на Уставот, и е монархистички бидејќи, како што рече, се менува членот за изборот на државни јавни обвинители, односно за ОЈО за организиран криминал, со Законот се овозможува амнестија за Заеви, за членови на неговата влада, како и амнестија за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои, вели, се во негово заложништво.
-Заев со законот за јавно обвинителство со кој се сака да не важат прислушуваните разговори спроведува операција за амнестија, и тоа амнестија лично за Зоран Заев и членови на неговото семејство, амнестија за раководството на неговата партија и функционери од коалиционата влада за кои постојат сомнежи дека се силно инкриминирани во нелегални активности и амнестија конечно за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, поточно за оние кои се во негово заложништво и решија да одработуваат за негови интереси, рече Мицкоски.
Со новиот закон, според него, се устоличуваат Русковска и Јовески кои му требаат на Заев да продолжат да ги споведуваат неговите наредби.
-На секој правник му е јасно дека станува збор за противуставен закон со кој се спроведува селективна правда, рече Мицкоски укажувајќи и на незаконитоста околу барањето за начинот на избор на државен јавен обвинител.
Еклатантен пример дека Владата го крши Уставот ќе биде доколку е вистина она што денеска го кажал пратеникот Артан Груби дека се бара „Бадентер” за избор на државен јавен обвинител.
-Согласно Уставот, амандманот 30 јасно се кажува како се избира државен јавен обвинител и како се реизбира. Тука не е предвиден Бадинтер, рече Мицкоски.
И за нив главен проблем е, рече, членот 110 со кој се предвидува амнестија и дека тие се против амнестија. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, се залага за апсолутна правда, а Уставот мора да важи за сите подеднакво.
-Меѓу другите забелешки кои што ги имаме многу, за нас ВМРО-ДППМНЕ главниот проблем исто така е членот 110 од предложениот закон. Со кој се предвидува разговорите да не важат за докази, со што јасно се сака амнестија на Заев, амнестија на „Рекет 1″, „Рекет 2″, „Леонардо” итн. Сите оние други коруптивни афери кои што беа присутни во изминатиот период но и за кои што постои основано сомневање дека ќе се појават во периодот кој што следи во јавноста, рече Мицкоски.
Согласно праксата на ЕСЧП, додаде тој, секогаш кога станува збор за разговори кои што се од јавен интерес истите треба да бидат докази во постапка.
-Заев со овој закон покажува страв дека се плаши од разговори кои ќе го докажат неговиот криминал, и сега сака тоа да не биде користено за доказ при судска постапка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ги повика останатите партии да имаат заеднички став да не го гласаат овој закон и се што е јавен интерес да биде дел од законската постапка.
-Бомбите да важат за сите или да не важат. Ваквиот закон нема врска со европските вредности туку со Зоран Заев и неговото бегство од правда. Согласно праксата на ЕСЧП не може бомбите за едни да важат а за други да не важат, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција ги негираше тврдењата на одредени медиуми дека со законот би се опфатиле и „Талир” посочувајќи дека овој предмет е заснован на искази, а не на прислушкувани разговори.