Единаесетмесечно бебе вратено од Кина во Белгија овој викенд треба да тргне во градинка оваа недела, но родителите на другите деца изразуваат загриженост и бараат мерки за заштита од властите.
Но, градоначалникот на градот каде се наоѓа градинката што ја посетува бебето тврди дека не постои ризик и дека нема потреба да му се забрани пристап.
-Разбирам дека родителите на другите деца се загрижени, но некогаш морате да им верувате на информациите што ги имате. Ова е сторено преку повеќе канали како министерството за здравство како и докторите на Здружението за деца и семејства и информациите се смирувачки, изјави Кристоф Деграф за белгиско радио.
Бебето, кое е од кинеско потекло, било во градот Хуанг со неговите родители каде посетувале роднини за кинеската нова година.
Родителите ги увериле белгиските власти дека мерките во градот Хуанг се стриктни и дека тие не излегувале од нивниот дом додека биле во Кина.
Деграф за медиумите порача дека има доверба во информациите добиени од родителите, но нејасно е до овој момент каков вид здравствени контроли поминало бебето по неговото враќање од Кина.
Коронавирусот однесе стотици жртви ширум светот, илјадници други се заразени. Земјите во ЕУ преземаат мерки на репатријација и згрижување на болните. Еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, утринава призна дека епидемијата претставува голема опасност за јавното здравје.