Во доцните вечерни часови, да констатираме дека кога политичари прават закон за Јавно обвинителство, го имаме целиот овој хаос во кој што се наоѓа Собранието.
Прво, насила се обидуваат да донесат закон во скратена постапка, со европско знаменце, за да ја завршат процедурата во два дена, а Законот предвидува одложена примена од четири и пол месеци.
Нашето прашање е, и така нема да се применува законот во тие четири и пол месеци, зошто да не оставиме експерти да го напишат законот ? Која е причината и зошто е толкавото брзање на СДСМ и сите притисоци кои што ги прават врз Собранието, само за да се донесе закон по скратена постапка со одложено дејство од четири и пол месеци?
Второ, денес имавме јасни изјави од колеги пратеници и министри, кои што кажаа дека оној законски текст кој што е добиен во Собранието на Република Македонија, не е законскиот текст кој што поминал на седница на Влада сношти. Тоа значи дека тоа што е во процедура пред пратениците го нема легитимитетот, бар формален, од Владата на Република Македонија односно некој се дрзнал во текот на ноќта тоа што поминало на Влада, да го менува и да го фалсификува практично. Ова е правен хаос и уште еден доказ дека кога политичари трчаат да си донесат закон за сопствена заштита и спас, државата само губи.
Уште еднаш прашувам, зошто законот треба да се донесе во скратена постапка, со европско знаменце, во два дена, а самиот закон предвидува применливост дури после четири и пол месеци? Во тие четири и пол месеци, навистина може експерти да напишат закон за кој што ние како политичка партија се произнесовме дека, бланко, со целосна доверба кон експертската јавност, ќе прифатиме закон без ниту една забелешка, доколку го пишуваат експерти.