Димитар Ковачевски, доктор на економски науки и универзитетски професор на трибината „Агенда 20-24″ посветена на образованието зборуваше за значењето на вештините кај младите за тие да станат конкурентни на пазарот и да можат веднаш да го валоризираат знаењето.
„Компаниите се динамични и тие сакаат работници кои веднаш ќе се вклучат во процесот на остварување. Тоа значи дека младите мора да поседуваат вештини. Некои работни места бараат специфични вештини и затоа имаме празни работни места и немаме стручен кадар да ги пополниме. Од друга страна пак, имаме кадар со вештини кои не се потребни на пазарот. Се почесто работодавачите се сомневаат во знаењето и подготвеноста на студентите да одговорат на предизвиците во компаниите. Ако земеме предвид дека странски инвеститори вложуваат капитал очекувано е да сакаат стручни кадри, какви што имаат во државата од која што доаѓаат. Затоа ние не можеме да останеме имуни на светските промени и колку побрзо почнеме да се прилагодуваме толку подобро”- анализираше Ковачевски.
Тој аргументираше дека се неопходни радикални реформи во образованието. Светскиот тренд е дека на секои две до три години се менуваат наставните програми, што не е случај со Македонија. Очекувањата се дека новата Влада ќе има посериозен пристап во секторот образование и дека започнатите реформи ќе продолжат со посилно темпо.
„Нам ни е неопходен сериозен фонд за високо образование составен од четири сегменти, стипендии за талентирани студенти, редовна обука на наставен кадар во странство, финансирање на научна работа и истражувања и финансирање на иновации”- порача Ковачевски.