Германската левица е шокирана, а десницата е воодушевена по веста дека Анегрет Крамп-Каренбауер, лидерката на Христијано-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, се откажува од кандидатура за канцелар и ќе се повлече од врвот на ЦДУ, јавија локалните медиуми.
Анегрет Крамп-Каренбауер (АКК) денеска на Претседателството на ЦДУ најави дека на лето ќе иницира избор на кандидат на партијата за канцелар на изборите следната година, па потоа ќе се повлече од функцијата претседател на партијата и истакна дека лидерот на партијата треба да биде и кандидат за канцелар.
Прв реагираше државниот секретар за Европа, социјалдемократот Михаел Рот, кој на Твитер напиша „Земјотресот продолжува”.
Тој додаде дека по повлекувањето на Крамп-Каренбауер, уште понеизвесно е дали „пристојните демократи ќе останат обединети, без оглед на партиската припадност, во борбата за демократија и против национализмот”.
Претседателката на Левицата Катја Кипинг изрази загриженост дека ЦДУ ќе се сврти кон десно по повлекувањето на АКК.
– Нејзина заслуга беше одржување на ограничувањата на Унијата кон десницата, рече Кипинг.
Во исто време, веста за повлекувањето на Крамп-Каренбауер ја израдува АфД.
Александар Гауланд, претседател на пратеничката група на партијата, ја поздрави нејзината одлука и рече дека сега гледа шанса за доближување на ЦДУ и АфД.
– Сосема е бесмислено и нереално трајно да се одбива соработка со АфД, рече Гуланд.
Поранешниот заменик-канцелар и лидер на СПД, Зигмар Габриел оцени дека откажувањето на Анегрет Крамп-Каренбауер од кандидатура за канцелар и повлекувањето од врвот на ЦДУ, покажува дека демохристијаните се во криза која може да доведе до крај на владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите.
– Повлекувањето на Крамп-Каренбауер е логична последица на тоа што не успеа да се наметне дури и во покраинскиот огранок на ЦДУ во Тирингија. Ниту еден заменик не дојде да и помогне, рече Габриел.
Тој додаде дека самата канцеларка Меркел морала да решава главни прашања откако во Тирингија беше избран премиер со гласови на ЦДУ, либералите и десничарската АфД, пренесува „Билд”.
– Го доживуваме крајот на уште една голема народна партија во Германија. По СПД, ни ЦДУ веќе не е во состојба да ги издржи тензиите на партијата. Крилата премногу се оддалечија, рече тој и додаде дека очекува предвремени избори.