– Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска изрази незадоволство од институциите на системот, кои на директен или индиректен начин влијаеле врз неисполнување на договорот за зголемување на платите за 10 проценти во високообразовните институции, почнувајќи од јануарската плата.
– Непобитен е фактот дека Министерството за образование и наука требаше да го реализира договореното зголемување на платите за 10 проценти од јануари 2020 година. Доколку ова договорено зголемување не можело да се реализира заради законски или други пречки, МОН требаше најпрво да разговара и изнајде решение заедно со СОНК, како договарач со МОН, но, пред се и заради докажаната репрезентативност на национално ниво, во дејноста образование. Спротивно на ова, МОН бараше „решение” со ректорите на државните универзитети, при што изнајдоа „соломонско” решение во рамките на универзитетите да иницираат формирање на нов универзитетски синдикат, којшто би бил репрезентативен. Со тоа, би можеле да потпишат колективен договор на ниво на работодавач, кој би содржел еден член, а тоа би било само за зголемување на платите од 10 проценти, наведува СОНК во соопштението.
Според Синдикатот, ова е недозволиво и создава дополнително нови проблеми односно отвара можност работодавачите кога сакаат и како сакаат да може да формираат синдикални организации, а кога ќе нема потреба да ги згаснат. Ваквите дејствија, сметаат од СОНК, се спротивни на националното зкаонодавство и на меѓународните конвенции.
Нереализирањето на веќе најавеното зголемување на платите, веат од СОНК, го нарушува одличниот партнерски однос кој досега го имале со ресорното Министерство. Денес, како што наведуваат, се соочени со неизвеноста од носењето на законското решение со кое треба да се овозможи ветеното зголемување поради распуштањето на Парламентот.
– Дали беше неопходно да се создаде овој проблем? По нас, не. Ова на никому не му оди во прилог, особено не на министерот за образование и наука, во период пред парламентарни избори. Не им беше потребно и на дел од ректорите, затоа што тие не смеат да даваат изјави дека на таков начин се ангажирале за подобрување на социјалниот статус на вработените. Јасно им е на сите дека СОНК го договори ова зголемување и не се коректни такви изјави со што некој сака да се „кити” со туѓи перја. Или пак, имаат потреба да се додворуваат пред своите вработени, на пример, можеби доаѓаат избори за ректор во некој од универзитетите, велат од СОНК.