– Фабриката за садови за готвење „Братсво Инокс” како една од оние со најголемо искуство во производство на металните производи, сега има збогатено производство на трансформатори, експанзиони садови и линија за површинска заштита на метални алати. Со новата инвестиција, освен што ќе овозможи производи за учество и конкуренција на пазарот во регионот и во Европа, отвора и нови работни места.
Ова денеска го истакна премиерот Оливер Спасовски, кој заедно со заменичката на претседателот задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот без ресор, Елвин Хасан и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески ја посети оваа фабрика во Охрид.
Со програмата за поддршка на инвестициите и на технолошкиот развој, Спасовски додаде дека дури 170 компании се стекнале со право и добиле финансиски средства за инвестициски вложувања за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјиште. Голем број од овие 170 компании, како што информира, се од овој регион.
Според вицепремиерката Мила Царовска, Владата спроведува одговорни економски политики кои се насочени кон подобрување на стандардот на работниците и кон развојот и растот на деловните субјекти.
Таа додаде дека Владата инвестира и во работниците и во работодавачите.
– Од една страна е Законот за финансиска поддршка на компаниите, што е дел од Планот за економски раст, од друга страна се сите други мерки кои се насочени кон вработените. Инвестираме и во младите и ги поттикнуваме да работат во производство со можност за користење на младинскиот додаток којшто ќе се исплаќа месечно и изнесува 3.000 денари дополнителни средства на платата, рече Царовска.
Министерот без ресор, Елвин Хасан како овластен потписник во име на Владата на договорот за финансиска поддршка со компанијата „Братство Инокс” рече дека на оваа компанија досега и се исплатени 639,684 денари.
-Само преку комуникација, тесна соработка и силно партнерство можат двете страни да бидат задоволни, а со тоа и нашиот најважен таргет, граѓанинот. Продолжуваме отворено да работиме, со што постигнуваме одлични резултати кои директно влијаат на зголемување на интересот на странските инвеститори, како и на домашните инвеститори кои за нас се подеднакво важни, рече Хасан.