Во Предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.
За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија.
Што се однесува до Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители имаше повеќе предлози за негова измена. Во текот на дебатата на седницата на Владата беше прифатено додавањето на упатна норма на Законот за употреба на јазиците и додавање на двојното гласање за изборот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на криминал и корупција.
Во текстот што беше испратен до Собранието беше испуштена упатната норма на Законот за употреба на јазиците, а одредбата за двојното гласање беше непрецизно формулирана.
Од тие технички причини текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители беше повлечен, со цел да се испрати законски текст со содржина каква што беше усвоена на седница на Владата на Република Северна Македонија.