Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави дека првосудството може да добие повеќе пари ако работи побрзо.
Курц пред една недела во разговор со новинарите го критикуваше Обвинителството за економски криминал и корупција дека е под партиско влијание и зборуваше за „црвени мрежи” алудирајќи на социјалдемократското влијание.
Поради тоа Курц беше критикуван од опозицијата, но и од неговиот коалициски партнер Зелените, кои оценија дека се работи за напад врз независноста на правосудството.
Австрискиот канцелар пред денешниот разговор со претставници на Обвинителството продолжи со критиките.
– Сакам правосудството да добие поголем буџет и затоа со ресорната министерка (Алма Задиќ) разговарав да доделиме повеќе средства. За возврат очекувам правосудството средствата да ги користи за забрзување на постапката, посебно во областа на економскиот криминал и корупција. Средствата треба да овозможат прекршителите на законот да бидат брзо казнувани, додека лицата, кои не го прекршиле законот, да не бидат изложени на повеќегодишни обвиненија, што би имало последици врз нивниот приватен и бизнис живот, истакна Курц.