– Медицински експертски тим на Светската здравствена организација (СЗО) пристигна денеска во Кина за да помогне во истрагата поврзана со епидемијата на коронавирусот, изјави во Женева генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Шефот на СЗО, кој кон крајот на јануари го посети Пекинг за да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг и кинеските министри, се врати со договор за испраќање меѓународна мисија.
Биле потребни речиси две недели кинеската Влада да дозволи пристигнување на експертскиот тим, кој има меѓу 10 и 15 членови, истакна Гебрејесус.
Тој нагласи дека во Кина се регистрирани 40.235 случаи на заразени од коронавирусот и 909 починати, како и 319 заболени во 24 земји во светот, вклучувајќи и еден смртен случај.
Гебрејесус изрази загриженост поради извештајот на европските власти во текот на викендот за ширењето на вирусот од човек на човек, а кои не патувале во Кина.