Поројниот дожд ги усложни подготовките за црвениот тепих на „Оскарите“ во неделата, а работниците мораа да се справат со протекувањата на црвениот тепих пред самиот почеток на најголемата ноќ во Холивуд.
Студеното време и темните облаци донесоа обилни дождови токму кога познатите холивудски ѕвезди требаше да започнат да пристигнуваат во театарот Долби. И покрај тоа што персоналот користеа долги шипки за да го истуркаат дождот да не се собира на пластичната цирада над црвениот тепих, малку вода сепак се задржа.
А парадата на славните си продолжи непречено. Актерот Били Портер ги изненади сите на предпремиерата на црвениот тепих со доста необичен избор на облека. Тој веднаш го привлече вниманието со доста специфичен и бизарен стајлинг – корсет од златни пердуви и здолниште со впечатлив дезен.
Режисерот Спајк Ли оддаде почит на кошаркарската легенда на „Лос Анџелес Лејкерс“ Коби Брајант кој почина во хеликоптерска несреќа кон крајот на минатиот месец. Режисерот се појави на црвениот тепих со виолетов смокинг на кој златниот број 24 беше извезен на задниот и предниот дел.
Екипата на кандидатот за најдобар филм „Паразит“ пристигна масовно ноќта која би можела да биде историска за јужнокорејскиот филм, што подоцна и се покажа како таква. Имено, Јужнокорејците направија историја. За прв пат најпрестижната награда за најдобар филм беше доделена на филм од неанглиско говорно подрачје.