Работите за санација и реконструкција на колекторскиот систем долж крајбрежјето на Охридското Езеро што започнаа во декември минатата година се одвиваат според планот и уште ова лето езерото ќе има чиста и безбедна вода за капење, констатирано е на увидот во напредокот на работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион, што денеска го направија претседателот на Владата на Република Северна Оливер Спасовски, заедно со министерот без ресор Едмонд Адеми, кој е задолжен за координација на активностите за исполнување на обврските што произлегуваат од препораките на УНЕСКО за заштитеното подрачје на охридскиот регион, и со директорот на Јавното претпријатие Колекторски систем Владимир Алексијоски.
Работите за санација и реконструкција на колекторскиот систем започнаа на потегот од тунелот на патот Охрид – Пештани, кај Свети Стефан до Биљанини Извори, и во должина од повеќе од 2 километри цевките на колекторот се исчистени од корења, градежен шут и друг талог. На овој потег дури за 80 отсто беше намалена функцијата на колекторскиот систем, и затоа на местата каде што цевките беа скршени или сериозно оштетени се пристапи кон санација според системот „цевка во цевка” и со тоа се обезбеди нормален, целосен проток на водите за прочистување.
„За системот за прочистување на отпадните води во Охридското Езеро не се водеше грижа со години наназад и тој беше уништен. Несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на колекторскиот систем создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја”, истакна во изјавата за медиумите премиерот Спасовски, кој увидот во работите за санација на колекторскиот систем го направи како дел од агендата на 7-мата седница на Владата која денеска се одржува во Охрид.
Во активностите до крајот на овој месец се вклучени работите на санацијата на делниците од Лагадин кон Пештани, како и од населбата Далјан до Подмоље. Веднаш потоа ќе стартуваат и работите по целата останата должина на колекторот долж охридско-струшкиот брег.
Паралелно со овие реконструкциски и санациски работи се сервисираат и редукторите на пумпите на пречистителните станици за обезбедување на целосната функција на колекторскиот систем.
„Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите природни и културни вредности, и тоа оваа Влада ќе го докаже”, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски.
Министерот без ресор Едмонд Адеми, кој е задолжен за координација на активностите за исполнување на обврските што произлегуваат од препораките на УНЕСКО за заштитеното подрачје на охридскиот регион, и директорот на Јавното претпријатие Колекторски систем Владимир Алексијоски во изјавите за медиумите потенцираа дека ќе бидат преземени сите претходно утврдени активности предвидени во Планот за управување со заштитеното подрачје на Охридското Езеро, меѓу кои е и санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем.