Посета на ученици од основните училишта „Коле Неделковски” и „Кузман Јосифовски-Питу” од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет

 Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Вила Водно, во рамки на активноста Отворен Кабинет,  денеска го посетија ученици од ООУ „Коле Неделковски” и од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу”, од Скопје.

Учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Стево Пендаровски, да се информираат за неговата работа и надлежности, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните средби, како салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции.

Посетителите се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот од коишто беа информирани за историјатот на објектот, во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција.

Учениците имаа можност да поразговараат и со полковник Билјана Блажеска,  аѓутант на претседателот Пендаровски, која ги информираше за нејзините обврски и активности како висок воен претставник во неговиот Кабинет, како и со припадници од воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Северна Македонија, кои ги запознаа со функцијата, целите и задачите на нивната единица.

Денешната посета на Вила Водно е во рамки на Отворен Кабинет, активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот http://pretsedatel.mk/otvoren-kabinet/ имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.

Треба да знаете
Последни објави