Преку обуки и креирање на вештини кај младите, до поголема вработеност на младата популација во земјава. Вклучувањето на бизнис-секторот во креирањето на тие вештини, преку едукација, е од особено значење за зголемување на вработеноста на младите. Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера одржа предавање како ментор-волонтер на бесплатната програма “Вештини за успех” за едукација на невработени млади лица во едукативниот центар на Пивара Скопје.
Министерката за финансии посочува дека клучно е ускладувањето на вештините на барателите на работа со побарувачката на пазарот на труд. Ангеловска истакна дека развивањето на претрпиемничкиот дух и размислување кај младите е од особена важност за растот и развојот на економијата.
-Искористете го вашиот потенцијал до максимум и барајте можност каде другите не можат да ја најдат. Бидете проактивни и секогаш трудете се да испорачате над просекот, како во професионалниот, така и во приватниот живот. И не заборавајте дека знаењето, упорноста, оптимизмот и ентузијазмот ќе ви помогнат да ги надминете предизвиците и да станете посамоуверени и посилни – им порача министерката Ангеловска на младите кои беа присутни на вчерашното предавање.
Како што посочи министерката за финансии невработеноста е на историски најниско ниво од 17,1%, додека вработеноста е на највиско ниво од 47,4%. Стапката на вработеност кај младите од 15 до 24 години, исто така во континуитет расте, но во секој случај треба да се подобри. Кон тоа се дејствува преку активните мерки за вработување, но добредојдени се и иницијативите за општествена одговорност од бизнис-секторот, со кои се зголемува вработливоста кај младите.
Директорот за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје Ламбро Патче, посочи дека преку програмата за бесплатна едукација за невработени млади лица од 18 до 30 години на компанијата е поддржана и од Агенцијата за вработување, како и Министерството за труд и социјална политика со кои имаат потпишано меморандум за соработка. Во 2019 година над 1.700 млади лица поминале низ обуката. Околу 45% од лицата кои ја поминале обуката во првата половина од минатата година се вработиле или самовработиле преку започнување на сопствен бизнис, додека 65% од лицата вклучени во програмата се жени.
Целта на обуките е кај учесниците да се поттикне самодоверба, самопочит и воспоставување врски со релевантни ментори, за охрабрување на претприемничката култура и за мотивирање на младите да ја земат иднината во свои раце. Освен предавањата во училница се организираат и курсеви за едукација кои можат да се следат преку дигиталната платформа.