ВВ „Тиквеш“ и годинава, на винскиот локалитет „Лепово“, ја продолжи традицијата на симболичното закројување на лозјата во чест на Св. Трифун, заштитникот на лозарите и винарите. Свечениот чин на закројување го извршија претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, генералниот директор на винарницата, Радош Вукиќевиќ и претставници на менаџментот на винарницата.
Присутните претставници на дипломатскиот кор и на институциите, партнери, соработници и пријатели, лозарите и винарите си посакаа уште една плодна година, со услови наклонети кон квалитетен род и производство на врвни вина.
„Овој празник не е само традиција. Тоа е ден кој за сите нас, поврзани со лозарството и винарството, е симбол за нов циклус, кој ќе донесе нови предизвици и уживања во виното. Се надеваме на поволни услови и здрави лозја, за да создадеме врвно вино. Нашите активности се исто така насочени кон минимизирање на влијанието врз животата средина соочени со глобалните климатски промени. Притоа, применуваме одржливи земјоделски практики и ја намалуваме емисијата на стакленички гасови. Во таа насока, работиме на проект со кој „Тиквеш“ ќе биде првата „зелена“ винарница во овој дел од Европа“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ, честитајќи им го празникот на сите лозари и винари, како и на љубителите на виното.
Инаку, винарницата во законски пропишаните рокови ги исполни финансиските обврски кон лозарите за откупеното грозје во 2019 година.