Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Минхен го почна своето учество на Минхенската безбедносна конференција со обраќање на панел-дискусијата „Градење општествена издржливост во европското соседство“, на којa еден од покровителите беше и BMW Foundation Herbert Quandt.
Димитров во своето излагање се осврна на потребата од инклузивност на европската политика во регионот, за кој нагласи дека е несомнено дел од Европа.
„Заслужената позитивна одлука за почеток на пристапни преговори ќе биде валидација за досегашните напори на Северна Македонија, но и истовремено потврда за кредибилноста на Унијата“, порача македонскиот министер.
„Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа, туку и курсот на своето политичко дејствување го насочуваат кон европскиот модел”, истакна Димитров додавајќи дека на политиката на проширување или комплетирање на ЕУ ѝ треба добар мотор како тие што ги произведува организаторот на панелот-компанијата „Бе-ем-ве“.
Министерот Димитров ќе биде дел и од тркалезната маса насловена „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на Западен Балкан напред“ која се одржува денес попладне, а на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со Јоханес Хан, еврокомесар за буџет и администрација, со својот грчки колега Никос Дендиас, како и колегата од Малта, Бартоло Еварист.
Првиот ден од учеството на Минхенската безбедносна конференција се заокружува со работна вечера организирана од претседателот на Светскиот економски форум – Борге Бренде, каде почесен гостин ќе биде американскиот државен секретар Мајк Помпео.