14 февраури 2020 Тетово ќе добие нов булевар и градски превоз преку Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП. Преку 3,5 милиони евра од овој проект досега се доделени за капитални проекти во оваа општина за набавка на фотоволтаици, изградба на локални патишта, набавка на комунални возила, рече заменик министерката за финансии Ширет Елези на настанот по повод почетокот на градба на нов дел од булеварот „Видое Смилевски-Бато”, на кој присуствуваше и градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи.
Како што посочи Елези преку проектот МСИП се доделени 990.000 евра за изградба на дел од булеварот „Видое Смилевски-Бато” од што директна корист ќе имаат 11.000 жители во општината, но ќе биде и од големо значење за сите граѓани во општината.
-Со изградбата на овој дел од булеварот, кој инаку служи за влез и излез од Тетово кон Гостивар и кон граничниот премин Јажинце, и е една од најфрекфентните улици, ќе придонесе за развој на градскиот транспортен систем во општината, за заштита на животната средина преку намалување на штетните емисии, бучавата и енергетската ефикасност, придонесувајќи кон економскиот развој преку движење и пристап до сите делови на градот-рече Елези.
Заменик министерката за финансии најави и дека преку проектот Тетово ќе набави автобуси за градски превоз.
-Преку Проектот за подобрување на општински услуги МСИП на Министерството за финансии, општина Тетово ќе набави пет автобуси за јавен транспорт. Ова е навистина голем проект од околу 1.100.000 евра со кој ќе се воспостави јавен превоз во градот. На тој начин ќе се намали сообраќајниот метеж, што ќе влијае и на намалување на загадување на воздухот. Корисници од имплементацијата на овој проект се сите жители на општина Тетово, особено сите граѓаните кои живеат или работат во градот Тетово – рече Елези.
Заменик министерката посочи дека заедно со овој проект, околу 3,5 милиони евра се инвестирани во подобрување на животот на граѓаните на Тетово преку МСИП проектот.
-Целта на Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството за финансии кој е финансиски поддржан од Светска банка е преку инвестизии во капитални инвестиции низ општините да се подобрат услугите кои тие ги даваат и на тој начин да се подобри животот на граѓаните кои живеат во нив. Се инвестира во локални патишта, водоводи, училишта, градинки, енергетска ефикасност, механизација и машини – односно се што придонесува за општинските услуги. Овој проект трае повеќе години и има вкупна вредност од 100 милиони евра. Преку него се дејствува и кон развој на локалните економии и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните – рече Елези.