– Попладнево, додека трае собраниската расправа за законот за јавно обвинителство, Парламентот го дополни дневниот ред на 136. седница која требаше да се одржи денеска во 15 часот и на чиј дневен ред е разрешувањето на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
На седницата првично беа само две точки, разрешувањето на Мизрахи и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, но според собранискиот информатор, пратениците ќе треба да расправаат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, поднесен од Јован Митрески, Ејуп Алими и Никола Мицевски, како и по Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта во прво читање, поднесен од Јован Митрески, Фадил Зендели, Теута Биљали, Мухамед Зекири и Мирослав Јовановиќ.
Според предлог-измените на Изборниот законик, одредени избирачки места од општините Дебар, Крушево, Маврово и Ростуша се бришат од Изборната единица 6 и се додаваат кон Изборната единица 5. Станува збор за избирачките места од 0477 до 0477, од 0477/1 до 0477/1, од 0543 до 0548, од 0544/1 до 0544/1, од 0547/1 до 0547/1 и од 0555 до 0556 во Општина Дебар, избирачките места од 1187/1 до 1187/1 во општина Крушево, како и избирачките места од 0463 до 0476, од 0464/1 до 0465/1, 0470/1 до 0470/1, од 0473/1 до 0474/1, од 0478 до 0479 и од 0481 до 0498 во општина Маврово и Ростуша.
Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта, пак, предвидува во образецот за лична карта да стои и податокот за етничка припадност, покрај податоците за презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање и важење на личната карта, место на раѓање, живеалиште и адреса, надлежен орган кој ја издал личната карта, број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.
-Од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници согласно со Уставот на Република Северна Македонија, имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме во член 5 став 2 покрај другите податоци да биде предвидена и „етничката припадност”, стои во образложението на предлог-текстот.
Седницата 136., според писменото известување од претседателот на Собранието Талат Џафери, наместо во 15 часот, ќе почне по завршување на претресот на законот за ЈО кој е прва точка на 135. седница и кој се уште трае.
За в недела напладне, пак, е закажана 137. седница на која и официјално се очекува Собранието да биде распуштено.