Компанијата Рено денеска соопшти дека во 2019 година ја забележала својата прва загуба за повеќе од една деценија и дека ја намалила целна маржа за 2020 година.
Францускиот производител на автомобили, кој е во сојуз со јапонскиот Нисан, пријави загуба од 141 милиони евра како свој удел во финансискиот резултат на групата, делумно поради расходите поврзани со некои негови кинески мешовити фирми, но и скандалот околу Карлос Госно, поранешниот шеф на Рено-Нисан, кој избега од Јапонија, каде што го чекаше судењето под обвинение за финансиска малверзација.
Нисан, во кој Рено има 43 проценти удел, исто така, придонесе за целокупниот негативен резултат, откако неделава извести за својата прва квартална загуба во речиси десет години и ја намали прогнозата за оперативната добивка.
Вкупната продажба на возила од групата на Рено минатата година падна за 3,3 проценти на 55,53 милијарди евра.
Компанијата ја намали целната оперативна маржа за 2020 година на ниво меѓу 3,0 и 4,0 проценти во однос на минатогодишните 4,8 проценти, и го намали предложениот износ на дивиденда за 2019 година за речиси 70 проценти од претходната година.
Акциите на Рено утрово на Париската берза паднаа за 4,3 проценти.
Рено за годинава предвидува пад на глобалниот пазар на автомобили и намалување на неговата продажба во Европа и Русија за околу 3,0 проценти.