Детскиот културен центар „Карпош”- Скопје по 43. пат ќе ја организира и реализира традиционалната детска манифестација „Снежен град и караван – 2020″. Манифестацијата ќе се одржи од 16 до 21 февруари на Попова Шапка. Градителите ќе бидат сместени во хотел „Славија”-ЕЛЕМ, кој е и коорганизатор на манифестацијата.
На 21 февруари во 11:00 часот децата – градители заедно со директорката на ДКЦ „Карпош” Билјана Лалчевска Серафимовска свечено ќе го отворат „Снежниот град”, а сите посетители кои ја сакаат оваа уметност ќе имаат можност да ги разгледаат ремек делата на малите креативци направени од снег.
– Учесници-градители на „Снежниот град” се ученици од повеќе основни училишта од Скопје. Сите ученици се екипирани по петнаесет деца со свој ментор и со потребните алатки, градат склулптура каде ја прикажуваат својата креативност и талент. Децата кои учествуваат на „Снежен град” користејќи ја својата фантазија се вистински уметници кои си играат со снегот и го претвораат во објект којшто тие си го замислиле. Веруваме дека како и секоја година ќе направат впечатливи, уметнички скулптури, информираат од ДКЦ „Карпош”.
Во рамки на манифестацијата се одржуваат и други активности од забавно-рекреативен карактер: избор на Снежна убавица, спортски игри и натпревари во пинг понг, билијард, шах, училишна квизотека, пикадо, Снежен крос, Најслатка бонбона, Снежно бинго, Бал под маски и многу други активности.